Дали некогаш сте се запрашале што всушност се случува со вашето куче кога ќе се вратите од посета на пријателите, кои исто така имаат кучиња, а вашиот крзнен пријател ќе почне да ве душка како луд?
Кучињата комуницираат првенствено со мирис. Тие исто така имаат универзално сетило за мирис кое ние го немаме, што им овозможува да ги „осетат“ емоциите на оние околу нив. Значи, краткиот одговор е да, вистина е дека вашето куче може да каже кога сте биле во близина на друго куче. Сетилото за мирис на кучето е помеѓу 10.000 и 100.000 пати почувствително од нашето, и тоа во зависност од расата. Кучињата имаат од 125 милиони до 300 милиони мирисни жлезди, кои, како што можете да замислите, придонесуваат за нивната способност да намирисаат скоро сѐ. Кога сте биле во близина на друго куче и сте се вратиле дома кај својот крзнен пријател, постои прилично голема шанса дека малку ќе полудат и ќе почнат да ве душкаат. Тоа е така затоа што или осеќаат нешто што никогаш порано не го осетиле, или препознаваат феромон на кучето со кое сте биле. Интересно, зарем не? Но, да видиме како е возможно тоа.
Кучињата „гледаат“ преку сетилото за мирис
Кучињата можат да откријат необичен феромон што се наоѓа во урината, фекалната материја, кожата и крзното на другите животни. Вашето куче ќе може да каже многу за тоа каде сте биле и со кого сте биле. Всушност, кучињата можат да кажат дали другото куче било мажјак или женка, што јаделе, каде биле, на што биле изложени, дали се породиле, па дури и во какво расположение се. Звучи фасцинантно, нели? Во продоложение ќе објасниме како доаѓаат до тие податоци.
Не постојат историски докази за тоа дека куче прв пат намирисало друго куче на човек, но тоа не значи дека тоа не се случувало илјадници години наназад. Иако можеби не знаеме многу за тоа кога кучињата почнале да ги осеќаат другите кучиња, знаеме доста за нивното сетило за мирис. Кога кучињата ќе намирисаат нешто – било да сте во прашање вие или противпожарен хидрант на аголот – тие ја добиваат целосната приказна. Со едно душкање тие дознаваат повеќе отколку што можеме да замислиме. Додека луѓето воглавно се потпираат на својата визија, кучињата се потпираат на сетилото за мирис. Може да се каже дека „гледаат“ низ носот. Благодарејќи на нивното акутно сетило за мирис, тие се во состојба да разликуваат поединци и подобро да го разберат светот околу себе. Тоа значи дека знаат каде сте биле и со кого сте биле, дури и ако се обидете да го прикриете тоа, па затоа кучињата се користат на гранични премини, царини, во војската итн.
Кучињата не го користат само својот нос за да намирисаат мириси, туку и својата уста. Кога кучето ќе вдиши мирис, тој се движи во носната празнина, која е поделена на две различни комори со повеќе од 200 милиони олфакторни (мирисни) рецептори. Мирисот тогаш станува заробен од слузокожата, додека олфакторните рецептори работат прекувремено за да го обработат мирисот. Во многу случаи потребно е повеќе од едно вдишување за кучето да може да вдиши доволно молекули од мирисот за да го идентификува мирисот и информациите за објектот. Тоа објаснува што се случува кога вашето куче го губи разумот душкајќи ја вашата гардероба откако ќе се вратите, на пример, од пет шоп.
Кучињата умеат да бидат љубоморни
Многу кучиња се однесуваат како да се лути кога ќе намирисаат други кучиња на вас. Меѓутоа, тие всушност не се лути туку едноставно можеби се само љубоморни. Постои студија што ја спровела д-р Кристин Харис, во која има докажано дека кучињата навистина можат да бидат љубоморни. Таа во студијата, за која можете да прочитате повеќе информации со клик овде, вовела плишани играчки за кучиња и им дала задача на сопствениците на кучиња да ги галат тие играчки пред своите кучиња. 72% од нивните кучиња покажале љубоморно однесување гризејќи или туркајќи ја играчката.