Иако повеќето мачки добро се справуваат со жештините, тоа не значи дека и тие не се изложени на ризик од топлотен удар, особено ако се во прашање оние што поголемиот дел од денот престојуваат надвор, во дворот.
Случаите на топлотен удар кај мачките се поретки отколку кај кучињата, па затоа сопствениците на мачки не се информирани дека тоа може да им се случи и на нивните миленици. Иако и мачките се потат, потењето кај нив не е многу добар начин на ладење, како што е кај нас луѓето. Па така, можат да доживеат топлотен удар кога ќе се најдат заробени во оградени простори како што се автомобилот или транспортерот. Затоа бидете внимателни каде ги оставате!
Мачките со рамна муцка се поподложни оти имаат пократки муцки, мали ноздри. Во најголем ризик од топлотен удар се расите бурманска, хималајска и персиска мачка. Затоа ветеринарите советуваат сопствениците на мачки што имаат долго влакно или рамна муцка да се грижат повеќе за своите миленици и да ги држат внатре кога надвор е топло.
Топлотниот удар настанува кога мачката повеќе не е способна да ја терморегулира телесната температура, односно кога телесната температура на мачката ќе надмине 40.5 Целзјусови степени. Знаци на топлотен удар се: телесна температура над 40.5 Целзјусови степени, колапс, забрзан пулс, забрзано дишење, дијареја, лигавење или повраќање, дезориентираност.
Ако забележите кој било од овие симптоми кај вашата мачка, веднаш појдете на ветеринар.
Совет: Грижете се и за уличните миленици. Поставете им надвор сад со вода и менувајте ја неколку пати во денот. Правете го тоа во текот на целата година, особено во лето и зима. Дехидрацијата е честа појава и може да резултира со смрт.